Средношколците, кои добија поддршка и од студенти, денеска се собраа пред Министерството за образование и наука во предупредувачки протест за нивните барања.
Матурантите бараат да се скрати материјалот на државната матура, бидејќи според нив тие се генерацијата која преминала на онлајн учење, а покрај тоа имаше и штрајк на наставниците, што доведе до губење на уште повеќе часови.
И студентите имаат барања до МОН, за зголемување на субвенционирана храна за 160 денари.
По овој предупредувачки протест организиран од “Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите“, студентите беа пречекани на средба во Министерството за образование. По средбата, Министерството за образование соопшти дека испитите ќе се одржат без да се оштети ниту еден ученик по кој било основ, притоа додавајќи дека прашањата ќе бидат од најважните аспекти, податоци и информации од материјалот што учениците го учеле во текот на четирите години на средно образование. Од Министерството за образование велат дека и испитните комисии кои ги подготвуваат прашањата имаат предвид дека наставата понекогаш се организира онлајн поради пандемијата на Ковид и поради заканувачки дојави, додека повремен прекин имало и поради штрајк на просветните работници.