Преговорите со Бугарија ќе продолжат по празниците за да најдеме решение за отворените прашања, најави премиерот Зоран Заев. Тој во интервју за државната новинска агенција МИА рече дека очекува министерот Бујар Османи и специјалниот претставник Владо Бучковски наскоро да имаат средби со министерката Екатерина Захариева. Истакна дека билатералните прашања не треба да бидат пречка за европските процеси ниту да бидат дел од преговарачката рамка.
„Дијалог, а не конфликт создаваме со Бугарија, смиреност и подготвеност за соработка, наместо национализам за домашна употреба и нови изолаци. И ние и бугарската страна имаме обврска за македонските и за бугарските граѓани да испорачаме европска иднина, но со почитување на европските вредности. Ние имаме јасна определба даваме шанса на процесот и работиме на тоа да дојдеме до усогласување на ставовите според јасно утврдени македонски национални позиции и согласно нашите стратешки евроинтеграциски цели“, посочи Зоран Заев.
Дека Македонија ја продолжува соработката и ги унапредува односите со соседите се покажува и преку иницијатива за меѓусебно поврзување која произлезе од министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој упати писмо до неговите колешки од соседните Бугарија и Албанија Екатерина Захариева и Олта Џачка за економско-политичко зближување наречена „Иницијатива 8“.
„На основите на нашата интенција за забрзување на инфраструктурните, енергетските и комуникациските инвестициски проекти долж Коридорот 8, да изградиме политичка платформа која ќе претставува дополнителен форум за унапредување на меѓусебната соработка, интензивирање на политичката, економската безбедносната, културната и општествената размена, што секако ќе резултира и со зајакнување на довербата меѓу нашите народи“, посочи Бујар Османи.
Бугарија со ветото за Македонија го блокираше почетокот на пристапните преговори со Европската унија, а во пакет со нашата земја, унијата не ги почна преговорите ниту со Албанија.
