По речиси пет години од отворањето на предметот, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција го затвори случајот што се однесуваше на јавните набавки и изградбата на 19 модуларни болници во државата.
Предметот беше отворен на 10 септември 2021 година по допрен глас, непосредно по трагичниот пожар во модуларната болница во Тетово, во кој животот го загубија 14 лица, а десетина беа повредени.
Тогаш Обвинителството најави дека ќе ја провери целокупната документација поврзана со јавната набавка и изградбата на сите 19 модуларни болници во земјава, со цел да се утврди дали имало евентуални злоупотреби.
На денешниот брифинг со новинарите, обвинителката Верица Бержецка соопшти дека по спроведената анализа не е утврдено основано сомнение за злоупотреба на службената положба и овластувања при спроведувањето на јавните набавки.
Во рамки на предметот била разгледана обемна и сложена документација поврзана со набавките и изградбата на модуларните болници.
Предметот првично го водела обвинителката Вилма Русковска, а потоа бил преземен од Елизабета Јосифовска, за на крајот да биде завршен од обвинителката Бержецка.
Одлуката за затворање на предметот доаѓа речиси пет години по трагичниот пожар во модуларниот ковид-центар во Тетово, кој се случи на 8 септември 2021 година. Во несреќата загинаа 14 лица, а повеќе лица беа повредени.
Од ОЈО ГОКК посочуваат дека по анализата на прибраната документација не е утврдено постоење на основано сомнение за кривично дело поврзано со злоупотреба на службената положба и овластувања при јавните набавки за модуларните болници.
