Преговорите за минималната плата закочени – синдикалците почнуваат со протести и блокади на институциите. Идниот вторник ќе ги блокираат пратениците, за како што велат да не можат да земат патни трошоци и да кажат зошто не си ги намалуваат функционерските плати, а го чуваат во фиока предлогот на ССМ за зголемување на платите на работниците. На 12 февруари, идниот четврток ќе ги блокираат работодавачите кои како што велат, 36 години ги блокираат работниците држејќи ги со мизерни плати.
А, на 17 февруари Владата, за да не можат ниту премиерот ниту министрите да дојдат со службени коли на работа. Ќе мора пешки да поминат и да ги погледаат во очи работниците кои земаат најниски плати во Европа и живеат најмизерно- вели првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов.
„Една од фазите е и организирање 24-часовен Генерален штрајк, за да дадеме можност на работниците да ни се приклучат во што е можно поголем број. Но денеска на седницата на претседателството се дискутираше и не се исклучува можноста за организирање на уште еден голем протест како тој што се случи на 28-ми. Ќе го прецизираме времето кога најголем број од работниците ќе можат да ни се придружат на улица, затоа што имавме укажувања од страна на работниците дека биле попречувани“, рече Трендафилов.

Трендафилов кажа дека утре ќе поднесат иницијатива во Собрание за намалување на функционерските плати. Пратениците имаат рок до идниот вторник на седница да си ги намалат функционерските плати и да ги зголемат работничките- минималната на 600 евра и сите останати за најмалку 100 евра. Ако не го направат тоа идната среда ССМ ќе собере 10.000 потписи и како овластен предлагач ќе ги поднесе законите во Собранието.
Министерот за економија Бесар Дурмиши се уште не донел предлог да не се зголемат функционерските плати кои поради растот на просечната треба да се покачат од 200 до 300 евра. Вели ќе ги чека податоците од статистика па ќе постапат исто како лани. Прашан дали Владата ќе прифати субвенција на придонесите за да се покачи минималецот на 600 евра – вели наскоро ќе има Економско-социјален совет и таму ќе се одлучи.
„Минималната плата ако ве интересира ова ќе биде во месец март нивелирана или зголемувана околу 7 или 8 проценти. Ако ги споиме минатата година, оваа година и другите две години што ни доаѓаат, 2027 до 2028 година, ќе имаме зголемување за околу 40 проценти на минималната плата. Околу 40 проценти ако го земеме предвид дека по 7 проценти или 8 проценти се зголемува минималната плата“, рече Дурмиши.

ССМ пак нема ниту покана, ниту ќе присуствува на седница на Економско-социјалниот совет. Средба помеѓу премиерот Мицкоски и синдикатот на УПОЗ ќе има во четврток. Понудата на премиерот е раст на платите на над 7.000 административни службеници за 40% за две години. Но под услов да се укине Општиот колективен договор, што е неприфатливо за синдикалците. Велат тоа би значело намалување на платите за околу 21,8 отсто за над 130.000 вработени во јавниот сектор.
