Во петок, 30 дена по фаталната несреќа на Боинг 787 на индиската авиокомпанија „Ер Индија“, треба да биде објавен првиот извештај за несреќата на летот АI171 во кој загинаа 241 лице во авионот и 19 на земја, а еден патник за чудо ја преживеа несреќата.
Според добро информираниот портал The Air Current истрагата се фокусира на движењето на двата прекинувачи за контрола на горивото во моторот во пилотската кабина, пренесува Билд.
Двата прекинувачи се наоѓаат под рачките за потисок во пилотската кабина на Боингот 787. Тие го регулираат снабдувањето со гориво и можат да се постават во положба „CUTOFF“ за време на летот само во исклучителни околности – на пример, дефект на моторот или пожар. Случајното активирање е практично невозможно благодарение на механичкото заклучување: прекинувачот мора намерно да се подигне и помести.
Префрлањето на прекинувачот за гориво од RUN на CUTOFF за време на летот веднаш би го прекинало снабдувањето со гориво и би резултирало со целосно губење на потисокот. Ова, исто така, би ги направило двата генератори на секој мотор неспособни да снабдуваат со енергија многу од системите на авионот и некои дисплеи во пилотската кабина.
Според луѓе запознаени со ситуацијата, моментално достапните информации за црните кутии не можат да ја исклучат можноста за неправилни, случајни, па дури и намерни дејствија пред или по очигледното губење на потисокот, пред авионот да удри во студентскиот дом на Медицинскиот колеџ. Исто така, не е јасно дали едната или двете контроли биле активирани за време на полетувањето на Боингот 787 на пат кон Лондон.
Во овој момент од истрагата, податоците што им се достапни на истражителите не укажуваат на никакви механички или структурни проблеми со 787 или неговите два мотори. Исто така, нема никакви знаци на контаминација на горивото или неправилно собирање на закривката – два фактори за кои се шпекулираше како можни причини за несреќата во раните денови.
