Прекршочна за бонусите на СЈО, десет обвинители на чело со Јанева не ги пријавиле бонусите

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

За десет обвинители на поранешната СЈО Антикорупциска поведе прекршочна постапка поради тоа што не ги пријавувале бонусите што ги примале. Поранешната шефица Катица Јанева, потоа обвинителите, Фатиме Фетаи, Елизабета Јосифовска, Бурим Рустеми, Гаврил Бубевски, Стевчо Донев, Трајче Пеливанов, Артан Ајро и Љубомир Лапе до Антикорупциска не доставиле дека имаат дополнителен приход од платата. Токму високите бонуси кои ги примаа специјалните обвинители на чело со Јанева предизвикаа огромни реакции во јавноста и беа критикувани и оценети како злоупотреба на буџетот.

„Комисијата прибави податоци од Министерството за финансии од кои констатираше дека поранешните обвинители од СЈО континуирано примале дополнителни приходи, односно надоместоци и за истото по надминување на вредност од 20 просечни плати не пријавувале промена на имотната состојба.“, велат од ДКСК.

Антикорупционерите информираат и дека продолжуваат да работат и по предмет кој го отвориле за наводно незаконско постапување на Поглаварот на Исламската верска заедница. Оттаму додаваат и дека е отворен предмет и за незаконито постапување на владиниот надворешен соработник од областа на спортот Даниел Димевски.

„Во својство на надвоешен соработник и управител на правното лице „Турд Олимпик“ стекнал својство на закупец на Спортско рекреативниот центар Кале, со што во улога на надворешен соработник остварил приватни интереси со што го оштетил Буџетот.“, соопштија од ДКСК.

Антикорупциска истражува и за можна злоупотреба на донации добиени за време на вонредната состојба. Оттаму велат дека се преземаат конкретни дејства во насока на прибирање информации за начинот на кој се користи доделената странска и домашна помош.