Премиерот Мицкоски оддаде почит на жртвите од земјотресот: Трагедијата се претвори во симбол на надеж и заедништво

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска со длабока почит и пиетет се сети на жртвите од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје на 26 јули 1963 година. Тој истакна дека иако тој трагичен ден остави неизбришлива болка, истовремено покажа дека обединетоста е клучот за надминување на најголемите предизвици.

Во своето обраќање, премиерот потсети на огромната светска и домашна солидарност која го воздигна Скопје од урнатините, претворајќи го во глобален симбол на хуманост и заедништво.

„Солидарноста што тогаш ја покажаа граѓаните и помошта што пристигна од целиот свет засекогаш го вградија Скопје меѓу градовите што ја претворија трагедијата во симбол на надеж, достоинство и заедништво“, порача Мицкоски.

Тој нагласи дека денешните генерации и институции имаат јасна обврска да го чуваат тоа наследство и да работат на иднината на земјата. Според него, главен фокус мора да биде изградбата на посилна, побезбедна и поразвиена држава, каде што добросостојбата на граѓаните е на прво место.

„Денес наша обврска е да го чуваме тоа наследство, да градиме посилна, побезбедна и поразвиена држава, во која животот, безбедноста и доброто на граѓаните ќе бидат највисок приоритет. Нека е вечен споменот на сите што ги загубија животите. Скопје памети. Македонија не заборава“, додаде претседателот на Владата.