Премиерот на Гренланд рече дека Гренланд е нивен и не може да биде земен или купен, спротивно на американскиот претседател Доналд Трамп кој рече дека неговата администрација го поддржува правото на арктичкиот остров на самоопределување, но дека САД ќе ја добијат територијата „на овој или оној начин“.
Гренландскиот премиер Муте Буруп Егеде рече дека граѓаните на тој автономен дански остров не се Американци или Данци затоа што се Гренланѓани и дека САД треба да го разберат тоа.
„Ние не сакаме да бидеме ниту Американци, ниту Данци, ние сме Гренланѓани. Американците и нивниот лидер треба да го разберат тоа“, напиша тој, додавајќи дека „иднината на Гренланд ќе ја одредува неговиот народ“.
Премиерот на Гренланд рече дека тие не се на продажба и не можат туку така да се земат.
Тој го објави ова неколку часа откако Трамп упати директен апел до Гренланѓаните во говорот пред Конгресот синоќа, една недела пред парламентарните избори на островот.
„Ние силно го поддржуваме вашето право да ја одредите сопствената иднина и ако изберете, добредојдени сте во Соединетите Американски Држави. Ќе ве заштитиме, ќе ве збогатиме и заедно ќе го однесеме Гренланд до височини за кои никогаш не сте верувале дека се можни“, рече Трамп.
Но, американскиот претседател, исто така, рече дека неговата администрација работи со сите вклучени за да го добие островот, мислејќи на неговата желба да го купи Гренланд од Данска, долгогодишен сојузник на САД.
„Ни треба (островот) поради меѓународната светска безбедност. И мислам дека ќе го добиеме. На овој или оној начин ќе го добиеме“, рече Трамп.
Многумина во Гренланд, голем остров богат со руда, кој е полуавтономна територија на Данска, се загрижени и навредени од заканите на Трамп дека ќе ја преземе нивната татковина, пишува агенцијата АП.
Запрашан за изјавите на Трамп, данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен рече дека не мисли оти Гренланѓаните сакаат да се одвојат од Данска за да станат „интегрален дел од Америка“.
Расмусен се обиде да даде оптимистички тон, велејќи дека верува дека спомнувањето на Трамп за почитување на правото на Гренланѓаните на самоопределување е „најважниот дел од тој говор“.
„Јас сум голем оптимист за тоа каква ќе биде одлуката на Гренланд за ова. Тие сакаат да ги олабават врските со Данска, работиме на тоа, за да имаме порамноправен однос“, рече министерот.
Локе рече дека е важно парламентарните избори следната недела во Гренланд да бидат „слободни и фер“ без „каква меѓународна интервенција“.
Изборите во Гренланд се одржуваат во вторник. Неодамнешните коментари на Трамп за преземање на островите поттикнаа невиден интерес за целосна независност од Данска, што стана клучно прашање за време на кампањата.
