Апелациониот суд поништи уште една пресуда. Овој пат за Трајко Вељановски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски, сите поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и осудени од првостепениот суд како „Организатори на 27 април“. На овој начин Апелација ги уважи жалбите на 4-те обвинети, а предметот е вратен уште еднаш на повторно судење во Кривичниот суд.
Ваквата одлука на Апелација доаѓа по повеќе од 1 година, откако предметот се наоѓа во канцелариите на овој суд. Како оправдување за укинување на казните беше истакнато дека пресудата е нејасна, а беа нагласени и пропустите и процедуралните прекршувања направени во првостепениот суд.
-Првостепениот суд врз основа на расположивиот доказен материјал во недоволна мера ги расправил сите спорни околности и не ги утврдил со сигурност сите решителни факти што го чинат обележјето на кривичното дело и го определуваат неговото дејствие на извршување, при утврдување на фактичката состојба не утврдил со сигурност во што се состојат дејствијата на секој од обвинетите преземени во насока на остварување на битието на кривичното дело за кое се обвинети-велат од Апелација.
Според Апелација, нивните колеги во Кривичен не расправеле доволно ниту за амнестијата дадена од Собранието, доколку таа важи и за Вељановски, Ристовски, Јанакиески и Атанасовски. а одлуката на Апелација реагираше и Министерството за правда. Во одговорот се наведува дека „јасно е дека намерните или ненамерните пропусти и понатаму се дозволена практика за некои судии“, со што прстот е вперен кон Кривичен суд. Овој ресор го повика Судскиот совет да преземе мерки и да констатира дали пропустите што ги истакна Апелација се направени свесно или несвесно.
-Неопходно е веднаш да се добие соодветен одговор, зошто ова се дозволува во континуитет , односно зошто во првостепената пресуда не биле утврдени сите спорни околности, ниту битни факти поврзани со кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста-стои во соопштението на Министерството за правда.
Со оглед на тоа дека вината беше префрлена на Кривичниот суд, реагираа и од оваа институција. Тие во своето соопштение реагираа против колегите од Апелација и против министерот за правда, Кренар Лога.
Тие го потенцираат и фактот дека секоја пресуда и одлука на овој суд е транспарентна и со учество на медиумите, а тоа не е практика на Апелација. Според овој суд, Министерството за правда на чело со Кренар Лога треба да го анализира и феноменот зошто застаруваат судските предмети.
-Апелационите судии, наместо административно да ги враќаат предметите на докомплетирање или на повторно постапување, и повеќе од една година да не постапуваат по истите, имаат Законска можност, но и обврска, мериторно да одлучуваат со што ќе допринесат во неселективната борба со организираниот криминал и брза и ефикасна правда што е заложба на целата држава и предуслов за Европскиот напредокПа во тој правец, но и во однос на јавните коментари, пред се од Министерот за правда, апелираме да се внимава со избрзаните, непроверени и штетни изјави кои не одат во правец на издигнување на судството-велат од Кривичен суд.
Инаку, на 26 јули 2021 година, Кривичниот суд Скопје ги прогласи за виновни обвинетите во случајот „Организатори на 27 април“ и ги осуди на вкупно 25 години затвор, меѓу кои и: Трајко Вељановски (поранешен претседател на Собранието) – 6 години и 6 месеци, Миле Јанакиески (поранешен министер за транспорт и врски) – 6 години и 3 месеци, Спиро Ристоски (поранешен министер за образование и наука) – 6 години и 3 месеци, Владимир Атанасов (поранешен директор на Тајната полиција) – 6 години затвор.
