Препорачани нови мерки поради енергетска криза – Бектеши: Да се исклучат декоративните светилки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Да се исклучат светилките кои не се потребни. Од 1 септември се препорачуваат нови мерки за штедење на електрична енергија. Министерот за економија, Крешник Бектеши, вели дека мерките се наменети за државните и јавните институции, но и за домаќинствата.

-Сите државни и јавни институции како и државните претпријатија се задолжени од 1 септември до 31 март следната година да го исклучат декоративното осветлување на фасадите на сите јавни објекти и културни обележја, да не се користи осветлување во внатрешните простори и канцелариите на јавните објекти во период кога има доволно дневна светлина, температурите на клима уредите во јавните објекти во сезоната на ладење не смеат да бидат пониски од 27 степени, додека во грејната сезона не повисоки од 20 степени. Да се прави кратко проветрување, да се исклучат светлата кога се излегува од просторијата и да се печатат само неопходните документи-вели Бектеши.

Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски вели дека електраните во Македонија работат во полн капацитет и дека во првите месеци годинава произвеле 2194 гигават часови електрична енергија.

Министерот уверува дека преку мерките треба да се постигне потрошувачка за 15% помала во споредба со истиот период лани. Доколку не се постигне целта, ќе следуваат санкции за институциите, бидејќи како што рече, Бектеши, ќе ја имаме најтешката зима во Европа поради енергетската криза.