Преспанското езеро им исчезнува пред очите – Владата да испрати протестни ноти до Грција и Албанија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Повлекувањето на Преспанското Езеро се забрзува. Процесот е започнат од 1972 година, а до денес е повлечено 3,5 километри. Иако станува збор за период од повеќе децении, сепак надлежните не преземале ништо за да го спречат тоа.

Преспанци велат дека тоа е последица на излевањето на езерото во Грција, каде се користи за наводнување на земјоделски површини, еден дел во Албанија како и другиот дел во Охридското Езеро.

Климатските промени се дополнителна причина поради која не може да се врати нивото на водата колку што беше пред неколку години.

Екологот Саше Кировски вели дека Владата треба да испрати протестни ноти до Албанија и Грција за злоупотреба на водата на Преспанското Езеро, доколку сакаат ова езеро да се зачува и заштити.

Жителите велат дека владините функционери ја посетуваат Преспа, организираат неколку акции и си заминуваат. Премиерот Димитар Ковачевски пред неколку месеци, кога беше во посета на Преспа, рече дека ќе се преземат мерки по ова прашање, во следниот период дури рече дека ќе се направат анализи како може да се спаси Преспанското Езеро. Премиерот дури посочи дека за овој проблем разговарал и со надлежните министерства и додаде дека во наредниот период треба да се направи анализа врз основа на која ќе се преземат мерките како да се спаси Преспанското Езеро, како што се правеше во изминатиот период со Охридското Езеро.