Претседателката не сака да коментира за „шпионската афера“ – Сиљановска-Давкова: Збунета сум од одговорите на Обвинителството

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова не сака да коментира за наводната „шпионска афера“ во нејзиниот Кабинет, но вели е збунета од одговорите на Обвинителството. Смета дека треба да се почитува Законот за кривична постапка и презумпцијата на невиност. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори предистражна постапка поради сомнежи за неовластено копирање податоци од системот на Кабинетот на претседателката и вели дека сè уште не ги добило резултатите и доказите од МВР. Од друга страна, МВР информира дека продолжува анализата на конфискуваните уреди и податоци и дека сите наоди ќе бидат доставени до Обвинителството по завршувањето на истрагата.

„Малку сум збунета со одговорите на новинарските прашања или со објавите кои доаѓаат токму од Обвинителството за организиран криминал, во кои што се објаснува нивната комуникација со Министерството за внатрешни работи. Не, не бегам од изјави. Меѓутоа, мислам дека треба да се почитуваат одредбите од Законот за кривична постапка и во поглед на презумпцијата на невиност, но како што реков и во поглед на собирање податоци и евентуално отворање на кривична постапка“, вели Сиљановска-Давкова.