Претседателот на Албанија на средба со партиските лидери – Ковачевски: РСМ и Албанија ги исполнија условите, на ред е ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На ред е ЕУ, Северна Македонија и Албанија ги исполнија сите услови за преговори за членство, рече мандатарот за формирање на новата влада, воедно и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски на средба со претседателот на Албанија, Илир Мета. На  средбата како што соопштија од СДСМ, станало збор за многу актуелни теми, но во фокус била меѓусебната соработка, иницијативата Отворен Балкан и евроинтегративниот процес.

„Убеден сум дека наскоро заедно ќе ги започнеме преговорите за членство во Унијата. Двете земји досега ги исполнија критериумите и сега на ред е ЕУ“, истакна Димитар Ковачевски.

Претседателот на Албанија, Илир Мета во текот 3 дневната посета на нашата земја се сретна и со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Меѓу другото дискутирале и за проектот за Коридорот 8.

„Разговаравме за Коридорот 8 и важноста негова за нашите земји. Друга тема на дискусија беше и новата влада кај нас,  при што г. Мета ми посака успех и рече дека како пријателска држава посакуваат што поскоро да се реши спорот со Бугарија и да чекориме заедно кон ЕУ“, посочи Али Ахмети.

Мета вчера оствари средба и со  лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Како што соопшти Мицкоски на средбата било разговарало и за градењето мостови и обезбедување заедничка иднина.

„На работна вечера со нашиот пријател претседателот на Албанија, Илир Мета. За заедничките предизвици, градењето мостови и иднината која мораме да ја обезбедиме. Македонија мора да оди напред, со надеж за промени, за иднината на сите граѓани“, посочи Христијан Мицкоски.

Денеска претседателот на Албанија се сретна и со лидерот на опозициската АА, Зијадин Села. Тој рече дека главна тема на разговорот била слободата на граѓаните и како да бидат поблиску до Западот.

„Се разговараше за политичката ситуација во земјава, за случувањата во регионот, евроинтеграциите. Реално со еден збор за тоа како Балканот да биде постабилен, помирен, поблиску до ЕУ и поинтегриран се разбира дека главна  тема беше слободата на граѓаните, да бидат послободни и поблиску до Запад“, вели Зијадин Села.

Во текот на вчерашниот ден Мета се сретна и со претседателот на државата, Стево Пендаровски и претседателот на Собранието,  Талат Џафери. При овие средби албанскиот претседател истакнал дека јасен е напредокот што го постигна Северна Македонија изминативе години и истакна дека почетокот на преговорите на Албанија и Се верна Македонија не само што е важен за двете земји туку е и во интерес на  цел Западен Балкан.