Претседателот на Уставен суд до Собранието: Неодложно и во најитно време да се изберат уставни судии

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски во годишното обраќање до јавноста на крајот од 2025 година, упати јасен и недвосмислен апел до Собранието и Судскиот совет итно да постапат и да се изберат нови уставни судии, предупредувајќи дека Судот работи во услови на намален број на судии, и покрај зголемениот обем и чувствителност на предметите.

Тој оцени дека Уставниот суд ја заокружува 2025 година како ефикасна и транспарентна институција, која и покрај политичките притисоци и сложените општествени процеси, останала цврст столб на правната држава и неприкосновен чувар на Уставот.

„Одлуките не секогаш беа прифатени со одобрување, но при нивното носење се водевме од една единствена цел – лојалност кон Уставот, наспроти сите политички, економски и партиски влијанија“, истакна претседателот.

Според изнесените податоци, годинава се оформени вкупно 306 предмети, што претставува рекорд од постоењето на Судот. Најголем дел од нив, 271 предмет, се иницијативи и барања поднесени од граѓани, што, како што нагласи, е јасен показател за зголемената доверба на јавноста во Уставниот суд како институција за правна заштита.

Во текот на годината биле решени 230 предмети, бројка над просекот за последните пет години, а најстарото решение се однесувало на предмет од 2017 година – Законот за електронски комуникации.

Костадиновски потенцираше дека 2025 година ќе остане запаметена по значајни и историски одлуки, меѓу кои и примената на т.н. интерпретативна одлука, со која Судот, за да не создава правни празнини, го задолжил Собранието да постапи согласно правните стојалишта на Судот. Дополнително, за првпат во праксата, Судот ја ценел и формалната уставност, односно начинот на кој законите се донесуваат, а не само нивната содржина.

„Уставниот суд излезе од формализмот и започна нова ера во уставната правда, применувајќи метаправни аргументи, оценувајќи легитимна цел, општествена оправданост, нужност и пропорционалност на законските решенија“, посочи тој.

Во текот на годината Судот одлучувал и по низа чувствителни и предмети од висок јавен интерес, меѓу кои измените на Кривичниот законик, Изборниот законик, Законот за данок на солидарност, платите на судиите и обвинителите, пензиите, верските училишта, Законот за употреба на јазиците, Пописот, како и предмети поврзани со изборниот процес и заштитата на основните слободи и права.

Претседателот нагласи дека Судот успешно го поминал тестот на независност и интегритет, и покрај нападите, етикетирањата и притисоците врз институцијата и поединечни судии.

Покрај домашните активности, Уставниот суд ја зајакнал и меѓународната позиција, со претседавање со Балканскиот форум на уставни судови и активно учество на европски и светски конференции, како и преку соработка со меѓународни партнери, ЕУ, ОБСЕ и ТИКА, особено во делот на дигитализацијата и јакнењето на капацитетите.

На крајот од обраќањето, претседателот упати неколку конкретни апели: до Судскиот совет итно да предложи кандидат за уставен судија, до Собранието неодложно да избере уставни судии, до политичарите да покажат повисоко ниво на уставно-правна култура, а до државните органи да го почитуваат Уставот и загарантираните права на граѓаните.

„Силата на Уставот лежи во одлучноста да се почитува, а владеењето на правото е чин на врвен патриотизам“, порача претседателот на Уставниот суд, честитајќи им ги новогодишните и божиќните празници на граѓаните.