Превозниците најавуваат регионални блокади, револтирани што ЕК понудила само онлајн средба

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Меѓународните превозници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора најавуваат радикални мерки и блокади на граничните премини, откако Европската комисија не понудила решение за ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната.

Дополнително незадоволство предизвикала понудата разговорите со Европската комисија да се одржат онлајн, бидејќи клучниот персонал, меѓу кои и директорите од Директоратот за мобилност и транспорт, се на годишен одмор до 12 август.

Поради тоа, транспортните асоцијации од четирите земји закажаа итен состанок на 11 август во Македонија, на кој ќе одлучуваат за координирани регионални протести и блокади на товарниот сообраќај.

Спорот трае од октомври минатата година, кога ЕУ почна строго да го применува правилото „90/180 дена“ и за професионалните возачи од земјите надвор од Унијата. Иако во април беше најавено привремено решение, превозниците тврдат дека тоа не се спроведува, поради што возачи и натаму се враќаат од границите, а камионите се задржуваат, што предизвикува сериозни финансиски загуби.

Од транспортниот сектор предупредуваат дека, доколку не биде постигнат договор, претстојните блокади ќе бидат регионални и ќе го погодат протокот на стоки меѓу Европската Унија и земјите од Западен Балкан.