Пристигна францускиот предлог, Макрон: Компромисно решение, со барањата на двете страни

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Пристигна во Скопје францускиот предлог за деблокирање на патот на земјава кон ЕУ, односно за симнување на бугарското вето кон Северна Македонија. Претседателот на Франција, Емануел Макрон изјавил дека е најдено добро решение за спорот меѓу Софија и Скопје, решение кое би го отворило патот на Македонија кон ЕУ. Макрон ова го изјави на Самитот на НАТО во Мадрид, каде додаде дека следниве денови очекува предлогот да го разгледаат двете земји.

-Можам да кажам дека е постигнат компромис, компромис кој е во согласност со двете страни и верувам прифатлив. Наредниве денови, двете страни ќе го потврдат тоа. Бугарскиот премиер и Претседател веќе го поддржаа францускиот предлог и во претстојните денови ќе има дискусии и во Скопје. Ова е важно за безбедноста, стабилноста, бидејќи минатото може да се надмине, рече Макрон.

Владата само потврди дека конечниот француски предлог ги поддржува ставовите и позициите на Македонија во спорот со Бугарија, но без да открие конкретни информации околу предлогот.

-Ова претставува основа за отворање на широк консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со Претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата.Како што ветивме, одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме заеднички, мериторно, согласно Стратешките интереси на земјата и на сите нејзини граѓани, велат од Владата.

Претседателот Стево Пендаровски во интервју за Сител призна дека на прв поглед овој предлог е далеку подобар од претходниот. Сепак рече дека за него ќе треба да се изјаснат и другите фактори во земјава.

Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел преку објава на Твитер порача дека предлогот ги опфаќа грижите на македонската страна, а истакна дека време е предлогот да биде прифатен. Пред неколку дена, премиерот Ковашевски рече дека би бил прифатлив предлог само доколку во него е предвидена заштита на македонскиот јазик и идентитет, историските прашања да не бидат дел од преговарачката рамка и почетокот на преговорите да не се условува со вметнувањето на Бугарите во Уставот.