Истрагата за тешките сообраќајни несреќи на автопатот „Тракија“ во Бугарија продолжува, а во полициска станица е задржан романскиот државјанин кој управувал со камионот поврзан со еден од двата верижни судири. Надлежните сè уште ги утврдуваат околностите под кои дошло до трагедијата во која загинаа 12 лица, а 51 беа повредени.
Директорот на Регионалната дирекција на бугарското Министерство за внатрешни работи во Јамбол, Добрин Димитров, информираше дека возачот веќе бил сослушан еднаш, но се очекува повторно да даде исказ во текот на денот, во рамките на предистражната постапка.
Засега не е утврдено на кој начин се движел камионот непосредно пред судирот. Според првичните информации, видливоста на автопатот нагло се намалила, а се проверуваат сомневањата дека камионот се движел со мала брзина или, пак, се вклучувал од споредна лента.
За да се утврдат точните причини и текот на настаните, ќе бидат извршени дополнителни вештачења.
Пријавата за несреќата била примена околу 7 часот наутро, по што на местото веднаш биле упатени полициски и други надлежни екипи.
Во двата верижни судири што се случиле во близина на клучката Зимница на автопатот „Тракија“ учествувале вкупно 86 возила. Од нив, 63 се движеле во правец кон Бургас, а 23 во правец кон Софија.
Поради трагедијата, бугарската влада го прогласи 11 ноември за Ден на национална жалост.
