Приведени уште две лица за напад врз полицијата на 5 јули пред Собранието

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Приведени се уште две лица и против нив е поднесена кривична пријава по брза постапка за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи. 

Единицата за насилен криминал – Одделение за насилен криминал при СВР Скопје, по преземени мерки и активности, ги лишила од слобода Д.Ј. (32) и С.Ј. (18) од Скопје и во соработка со Основното јавно обвинителство Скопје против нив е поднесена кривична пријава по брза постапка за сторено кривично дело „учество во толпа што ќе изврши кривично дело“.

– Тие се сомничат дека на 5 јули 2022  околу 21 часот, за време на одржување ненајавен јавен сoбир организиран преку социјални мрежи, започнале да фрлаат камења и разни други предмети кон полициските службеници и зградата на Собранието. Против нив се обезбедени сите докази, по што се изнесени пред судија на претходна постапка, информира МВР. 

Министерството наведува дека СВР Скопје продолжува со преземање мерки и активности за идентификување на сторители на кривични дела за време на протестите и обезбедување докази против нив, по што заедно со кривичните пријави против нив ќе бидат приведени и изнесени пред надлежен јавен обвинител и пред судија на претходна постапка.