Продавачите во Тетово не знаат што да прават! Муфтиството им зема дневен наем, општината им вели да не плаќаат

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Во недоумица се продавачите на тетовскиот пазар. Пред една недела добиле допис од Општината, да не плаќаат за местото каде што продаваат секој четврток, бидејќи според општината незаконски е да се собираат пари како што тоа го прави муфтиството на Тетово. Продавачите бараат општината и муфтијата да го решат ова прашање меѓу себе, без да ги мешаат трговците.

Општина Тетово ги обвини муфтијата на Тетово и муфтијата во заминување Ќани Несими дека без право и без да им дадат фискална сметка, им земаат пари на продавачите за дневно користење на тротоарите, а од друга страна, за ова не плаќаат данок.

-Оваа акција е спроведена во целосна согласност со законот, вклучително и Управата за јавни приходи, Пазарниот инспекторат, како и асистенција на полицијата, со цел да се заштитат граѓаните од секаков облик на незаконска злоупотреба или изнуда. Нагласуваме дека никој, вклучително и организациите кои немаат законски овластувања во оваа работа, немаат право да наметнуваат такси или да ги искористуваат уличните продавачи, кои се борат за опстанок преку својата работа. Во овој случај, тетовското муфтиство на чело со Ќани Несими нема овластувања да собира пари од овие продавачи. Секое плаќање или правно дејство мора да биде извршено од овластен, фискализиран и законски признат субјект, вели Бесарта Рамадани, портпаролка на општина Тетово.

Тетовскиот муфтија признава дека собирале средства од продавачите, но дека истите биле за одржување на гробиштата.

-Од 2002 година овој пазар е активен и има договори со општината за користење на овие простори бидејќи наоколу се користат гробиштата. Просторот на женскиот пазар е вакаф. Точно дека е државна сопственост и е вака, но тоа се гробишта на тој асфалт каде што поминуваме и не тврдиме дека е наша сопственост или дека треба да го земеме од продавачите, туку општината нека ги земе и нека ги одржува, но ние имаме штета и ова е договор по симболична цена. Општината не бара да се договориме, туку тоа го прави кришум. Зошто, не знам, вели Ќани Несими, тетовски муфтија.

Општина Тетово најави дека во случај на продолжување на наплатата на средства од страна на вработените во Муфтиството, ќе следи тужба од нивна страна.