Поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување Орхан Рамадани одговарајќи на прашањето околу буџетот рече дека Клиниката може да набавува одредени лекарства само доколку за тоа има одобрение од Министерството за здравство како и од Фондот за здравство. Тој истакна и дека секоја година буџетот на Клиниката растел, но растел и условниот буџет кој всушност претставува дополнителни трошоци.
„Во 2017 ако буџетот бил над 600 милиони денари, условниот буџете бил 71 милион денари, 2018 63 милиони денари, 2019 305 милиони кога е земено многу повеќе и се давани согласности за 16-17 лекови и 2020 е 336 милиони денари“, вели Орхан Рамадани.
Поранешниот вд директор на фондот Миле Сугарев и во неколку наврати раководител за финансиски прашања изјави дека ниту имал можност да забрани набавка на лекови ниту пак сакал тоа да го стори бидејќи сепак се работи за потребни лекови за болните.
„Јас се судирам со ова, веќе 17 години работејќи во Фондот, дали да му забранам на директорот, бев во состојба 6 месеци да забранам да не купува лекови оти нема пари. Јас со сета почит на сите и законот, одговорно тврдам јас не сакав да се ставам во улога да забранам да се купи лек и да осудам некого на смрт оти не го добил лекот“, порача Миле Сугарев.
Пред Анкетната комисија како сведоци се поканети и актуелната директорка на Фондот Маја Парнаџиева и екс директорот Ден Дончев, но тој не дојде на седницата.
