Со читање на 231 материјален доказ, продолжи судењето за случајот „Државна лотарија“ во Кривичниот суд во Скопје, каде меѓу обвинетите се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на „Лотарија“, Перпарим Бајрами.
Пред судијката Биљана Шуплиновска-Јовевски, Обвинителството презентираше обемна документација поврзана со основањето на заедничко претпријатие со странски партнер, владините одлуки, како и финансиските трансакции поврзани со набавката на апарати за видеолотарија (ВЛТ).
Обвинителството ги презентираше и договорите за заедничко инвестирање и основањето на „ Државна Видеолотарија на Република Македонија – Casinos Austria“ од 2013 година, како и известување од странскиот партнер упатено до Владата од 2022 година за непочитување на правната сигурност.
-Во обвинението се повикавме на повеќе материјални докази и денеска беа презентирани голем број факти, како што се финансиски документи, цени од економски вештаци, кои во клучните докази врз кои се темели обвинението се наведени во диспозитивот, а понатаму детално ќе бидат анализирани од страна на Обвинителството, изјави Александар Давчевски, Јавен обвинител.
Во судницата беа презентирани и програмата за работа на „Државна лотарија“ за 2023 година, едем договор за работа и мислење изготвено од овластен проценител за вредноста и рентабилноста на инвестицијата во терминали за видеолотарија, како и информација доставена до Генералниот секретаријат на Владата за потребата од самостојно организирање електронски игри на среќа со анализа на пазарот.
Обвинителството се повика и на доказите од 158-та владина седница одржана на 6 јуни 2023 година, стенографските белешки, записниците, владините заклучоци и одлуката за одобрување на функционирањето на Управниот одбор на Лотаријата, како и мислењето од Министерството за финансии.
Како материјални докази беа презентирани налози за плаќање, банкарски изводи, аналитички картички за економските оператори „Eurogames Technology“, „Sinot“ и „Шпедиција МКД“, како и десетици обрасци за реализација на фактури, сметки и испратници за набавената опрема.
Сепак, според Јордан Апостолски, адвокатот на обвинетиот Бојан Јанев, обвинението е слабо, нејасно и контрадикторно, а презентираните докази покажуваат дека членовите на Надзорниот одбор постапувале според насоки и со претходна согласност од Владата, штитејќи го државниот интерес.
-Првиот дел од презентираните докази ја зајакнува нашата теза дека обвинението е слабо, нејасно и контрадикторно. Од самите докази што ги видовме денеска произлегува дека обвинетите не само што не ги извршиле дејствијата што им се ставаат на товар, туку напротив, постапувале според насоките на Владата, со претходна согласност од Владата и го штителе единствено државниот интерес кој бил во рамките на нивната надлежност како членови на Надзорниот одбор, вели адвокатот на обвинетиот Бојан Јанев, Јордан Апостолски.
Покрај поранешниот вицепремиер Груби и поранешниот директор на Лотаријата Бајрами, во овој судски предмет се обвинети и Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдиу.
Тие се обвинети за пречекорување на службените овластувања и предизвикување штета на „Државна лотарија“ во износ од 9,7 милиони евра, преку незаконска набавка на апарати за коцкање, кои никогаш не биле употребени за електронски игри на среќа.
