Продолжува дебатата за Законите за коридорите – Законот за градба на пленарна, за експропријација на комисија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Законите се носат на брза лента со кршење на правото на европското знаменце а договорот се крие од очите на јавноста, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Мирче Аџиоски од оваа партија вели дека со законот за градба не се кратат роковите туку комплетно се прескокнуваат и обвини за криминал.

„За вас е најважно што побрзо да поминат овие закони и да ги испумпате провизиите и пеналите кои што ги имате предвидено и затоа се заобиколува комплетно системот во Република Македонија. Нема ништо европско почитувани колеги во крадење на милиони. И не можете со ниедна теза тоа да го исправите. Со овие закони се знае што треба да се направи. Треба Артан Груби и Димитар Ковачевски да испумпаат 300 милиони евра.“, рече Аџиоски.

Жаклина Лазаревска од СДСМ со контраобвинување, дека ВМРО-ДПМНЕ е против изградбата на коридорите.

„Најверојатно не сакате ова да се направи, вие не сакате да се изгради ни да почне со изградба бидејќи сметате дека тоа за вас ќе биде погубно, затоа што да се почне и да изградат 110 километри на автопатска делница која што има стратешко значење и за Македонија и за регионот и за Европа за вас тоа е погубно“, рече Лазаревска.

Во истовреме пак дебата во Комисијата за европски прашања се води за законот за експропријација.

„Со овој закон со предлог законот за експропријација ќе се експроприра приватна сопственост, меѓутоа ќе се експроприраат и градби кои што немаат целосна документација, практично бесправно изградени објекти, односно дивоградби за кои било поднесено барање за легализација согласно со законот за постапување со бесправно изградени објекти“, изјави Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ.

„Се работи за право на граѓани, за допрецизирање на право кое постои во законот. Значи се работи само за надоместок кога треба да ги ослободат нивните објекти. Не станува збор за експропријација во овие измени затоа што тие работи се дефинирани во законот, значи само допрецизирање со цел да се забрза постапката на терен, а ништо надвор од досегашните законски прописи.“, рече Фатмир Бесими.

Расправата по пакетот закони потребни за изградбата на коридорите 8 и 10Д се очекува да заврши до крајот на неделава, по што ќе следи и седница на која што ќе се гласаат сите пет закони.