Истрагата за висока корупција во Апелацискиот суд започнала пред 9 месеци, по пријави за сериозни индиции за примање мито до 100 илјади евра со цел да се влијае врз укинување на мерката притвор за Љупчо Пецов во судскиот предмет „Синџир“, каде што поранешниот правобранител Фехми Стафа беше фатен на дело. Со овие зборови денеска започна брифингот со новинарите на јавниот обвинител за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, и обвинителката во предметот Искра Хаџи-Василева.
Таа изјави дека, покрај другите материјални докази и пријавите добиени од телефонските разговори на притворени лица, врските меѓу Стафа и апелацискиот судија Ристов биле долготрајни и дека постојат сомнежи за сторување на две тешки кривични дела.
„Извршени се претреси на три локации поврзани со истрагата против апелацискиот судија Ѓоко Ристов, при што по вторпат нашите единици влегоа во куќата на неговите родители во Неготино, каде што пронајдоа „бункер“ на приземјето, поточно во кујната. Беа забележани сомнителни околности за изведување градежни активности (корекција на ѕидните плочки), по што, при отстранување на една керамичка плочка од ѕидот, беше откриена дупка во која имало алуминиумски ролни во форма на цилиндри, спакувани во 13 поединечни пакети. Во нив беа пронајдени вкупно 610 банкноти во апоени од 500 евра и 225 банкноти од 200 евра, односно вкупно 350.000 евра“.
Раководителот на ова обвинителство, Ислам Абази, изјави дека по апсењето на Стафа, службите го следеле судијата Ристов, кој во меѓувреме зел и боледување, со цел да се спречи негово евентуално бегство. Но, поради имунитетот што го имал, немало можност за примена на посебни истражни мерки и прислушување на телефонот. Тој истакна дека, поради тајноста на истрагата, не може да се изнесат повеќе детали, но не ја исклучи можноста за проширување на истрагата, во зависност од прибирањето на материјалните докази и изјавите на сведоците.
„Со оглед дека има активно боледување, проценивме дека мерката домашен притвор и заплената на патните документи во моментов се соодветни за да се обезбеди тој да не ја напушти адресата на живеење и да не постои ризик од бегство, влијание врз сведоци или повторување на делото. Дополнително, привремено му е забрането и вршењето на судиски активности. Од безбедносни причини не може да се соопшти адресата каде што се наоѓа во домашен притвор, а извршена е и контрола на ѕидовите во таа куќа“.
Вчера, Единицата за корупција при Одделот за гонење организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Ѓоко Ристов, со живеалиште во Скопје, поради постоење основано сомнение за сторување на кривичните дела незаконско стекнување и прикривање на имот и перење пари и други приходи од кривично дело.
Ѓоко Ристов, во својство на службено лице – судија во Апелацискиот суд во Скопје, во периодот од 10.02.2020 година до денес, спротивно на законската обврска за пријавување на својата имотна состојба или нејзините промени, дал лажни податоци во врска со својот имот и имотот на неговото семејство, кој значително ги надминува неговите законски приходи.
Неговиот адвокат Звонко Давидовиќ, по сослушувањето во судот изјави дека пронајдените пари не биле на судијата, туку на неговите родители, нешто кое што било наведено во полицискиот записник откако биле пронајдени.
