Поранешниот заменик министер за здравство Илир Хасани вели дека до него не стигнала ниту една поплака од некој пациент, а за она што е случувало на Клиниката за онкологија дознал од медиумите. Тој рече дека всушност и самата функција заменик министер не дава многу достапност до информации за тоа што се случува во клиниките.
„Кога експлодираше овој скандал во Клиниката за онкологија јас слушнав за индивидуални приказни, за луѓе кои не се поврзани ни со политика, ни со мојата професија. Ингеренциите на заменик министерот не се лимитирани но се нула, ако нема официјални овластувања можеби и вербални од ресорниот министер. Во врска со конкретното прашање за одговорност и дали министерот требаше да ги знае сите работи“, вели Илир Хасани.
Екс заменик министерот Владимир Рендевски кој бил на функција заедно со екс министерот Беким Сали до февруари годинава рече дека ниту тој знаел дека постоел КАТО системот со кој се одредувале биолошките терапии за пациентите. Тој говореше и за набавките на лекови, но и начинот на кој лекарите сами одредувале кој ќе добива биолошка терапија.
„Суштината на набавката значи она што евидентно имало зголемување на набавката, суштината на тоа е дали таа набавка е адекватно аплицирана на тие пациенти. Дали пациентите ја добиле таа терапија. И пак се враќаме на почетното, за да е одлучи кој пациенти ќе бидат подложени на таа терапија, сепак добро е тоа да се базира на експертизата на стручниот колегиум и на тумор бордот, да не е само на раководното лице на клиниката“, вели Владимир Рендевски.
Актуелната заменик министерка Маја Манолева, пак рече дека не се работи за тоа како што е претставено во јавноста дека само едно лице одлучувало за тоа кој ќе прима терапија.
„Сметам дека сепак не е еден човек кој одлучувал, како што се сака овде да се претстави дека еден човек одлучувал која ќе биде листата на биолошка терапија, туку дека тоа се управните одбори на јавните здравствени установи кој што имале во предвид што ќе биде побарано за пациентите кои што бараат и може да добијат ако исполнуваат критериуми за биолошка терапија“, вели Маја Манолева.
Одлуката за формирање Анкетна комисија беше донесена на 20 септември по наводите за злоупотреба на терапијата во Клиниката за онкологија. За ова и Јавното обвинителство отвори предистражна постапка.
