Огранокот на Алтернатива во Тетово повторно го избра Дритан Беџети за претседател, а во соопштението се наведува дека тој е избран со мнозинство гласови и дека ја има поддршката од огранокот. Пред извесно време од овој огранок беа исклучени Дритан Беџети и поранешниот директор на железницата Мајан Весели. На објавените слики се гледа дека на средбата учествувал и пратеникот Хисни Исмаили.
„Треба да се нагласи дека претседателот на Огранокот Тетово го именува и разрешува Собранието на Огранокот на Тетово. Лидерите на партијата без консултација со огранокот одлучија да го разрешат и исклучат од партијата првиот човек на огранокот и функционерите на огранокот само затоа што бараа мобилизација на структурите. Ова резултираше со вчерашната средба на која членовите на огранокот- Тетово со мнозинство гласови одлучија Дритан Беџети да продолжи да ја врши функцијата претседател на Огранокот. Демократската борба ќе продолжи внатре Алтернатива за доброто на партијата.“, велат од Алтернатива, огранок Тетово.
Генералниот секретар на Алтернатива, Зекирја Ибрахими пред една недела изјави дека Дритан Беџети веќе не е член на тетовскиот огранок и дека овој огранок функционира без никакви проблеми.
„Во Алтернатива сите органи се на став дека треба да се развива оваа соработка, има поединци кои можеби имаат различни мислења кои ги почитуваме и нема одлука на тетовскиот огранок дека е против ваков вид на соработка и првиот човек на огранокот Тетово, кој веќе не е член на нашата партија, тој самиот излезе таму како поединец, а не како претставник на тетовскиот огранок, а тетовскиот огранок функционира подобро и нема проблем.“, кажа Ибрахими.
Во текот на денот ТВ21 неколку пати се обиде да стапи во контакт со портпаролот на партијата Орхан Муртезани, но тој беше недостапен и не одговараше ниту на писмените пораки во врска со ре-изборот на првиот човек на тетовскиот огранок Дритан Беџети.
Пред една недела, преку прес конференција, третина од централното собрание на Алтернатива побараа од претседателот, Африм Гаши да ги разреши Беким Сали и Зеќирја Ибрахими со образложение дека не ги исполнуваат обврските во партијата и не се достојни за функциите што ги имаат.
