Патот Тетово-Призрен и натаму е само ветување. Заменик-министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи вели дека наскоро ќе се направи проектирање на овој патен правец.
„Ова е пат кој ќе биде долг 40 километри и со тунел од 6 километри, во делот на Македонија делот од тунелите ќе биде 3,2 километри, а остатокот ќе биде во делот на Косово. Како заклучок меѓу двете комисии, дизајнот беше направен од страна на Северна Македонија и финансирањето беше пропорционално меѓу двете земји“, вели Реџепи.
Но, кога ќе започне изградбата? Реџепи не наведува конкретен датум, но вели дека во наредните месеци првично ќе биде вклучен во програмата на „Државни патишта“.
„Се очекува во наредните месеци овој проект да биде дел од јавното претпријатие „Државни патишта“, а во наредните месеци се надевам дека ќе започне со фазата на проектирање на патот и натамошна изградба на истиот“, изјави Реџепи.
Овој пат е ветување повеќе од две децении. Поранешниот пратеник Бајрам Реџепи уште на последните парламентарни избори ги побара гласовите од тетовци со ветувањето дека ќе го изгради овој пат.
„Изградбата на патот Тетово-Призрен е капитален проект од витално значење не само за полошкиот регион туку за целата држава, реализацијата на овој проект има посебно значење за економскиот развој на областа кој ќе ја развие трговијата меѓу двете земји.“, рече Бајрам Реџепи.
Дури и првиот вицепремиер Артан Груби на средба со претседателот на Косово, Вјоса Османи изјави дека разговарале за овој пат. Додека министерот за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Косово, Либурн Алиу, во изјава за медиумите во Косово рече дека отворањето на патот Тетово-Призрен не може да се случи во овој мандат.
