Продуктоводот за нафтени деривати Солун – Скопје кој повеќе од една деценија не е во функција поради недоразбирањата на релација Грција – Македонија, ќе биде ставен во функција до крајот на оваа година. Ова ќе овозможи поголеми количини на нафтени деривати да се транспортираат до скопската Рафинерија ОКТА и тоа во време кога на соседна Србија и се заканува недостиг на овие енергенси поради случувањата со нивната Нафтена индустрија која е во сопственост на руска државна компанија.
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека работата на владата е да овозможи да се стави во функција овој продуктовод, а дали ќе има поголема заработка од кризата во Србија и дали наши компании ќе го освојат пазарот во оваа држава, сепак ќе зависи колку добро водат бизнис нашите фирми.
„Ние како држава ги спроведуваме сите чекори да тој продуктовод кој што долги години беше уништуван и конзервиран, биде ставен во функција. Траат испитувањата, мислам дека е веќе завршено, треба да почнат проверките на притисок, ако не се веќе и почнати. Знам на влада помина и ценовникот, така што очекувам оваа година да биде тој продуктовод ставен во функција, а потоа се разбира компаниите, доколку најдат интерес понатаму да преземат тоа што е нивна работа.“, вели Христијан Мицкоски.
Со ставањето во функција на овој продуктовод, ќе се реализираа и една од точките на Преспанскиот договор кој предвидува ова прашање да биде решено во најбрз можен рок. Тоа беше предвидено во Членот 14, точка четири од договорот .
4. Страните ќе ја развиваат и зацврстуваат својата соработка во областа на енергијата, особено преку изградба, одржување и користење на меѓусебно поврзани гасоводи и нафтоводи (постоечки, во изградба или планирани), како и во однос на обновливите извори на енергија, вклучително и фотонапонски, ветерни и хидроелектрични капацитети. Можните отворени прашања ќе се решаваат без одлагање, со постигнување заемно прифатливи решенија, земајќи ја сериозно предвид Европската енергетска политика и правото на Европската унија. Првата страна ќе ѝ помогне на Втората страна преку соодветен трансфер на знаење и експертиза.
Дека прашањето со овој продуктовод требаше да се реши после потпишување на Преспанскиот договор беше потврдено и при посетата на грчката владина делегација на Скопје во април 2019 година, предводена од тогашниот нивен премиер Алексис Ципрас, каде една од главните точки беше токму и ова прашање.
Инаку, овој продуктовод долго време беше отворена политичко – економска тема меѓу двете држави. Се смета дека со негово повторно пуштање во работа, ОКТА нема да го засили само уделот на македонскиот пазар, каде што снабдува околу 75 отсто од потребите со гориво во државава, туку дополнително ќе се позиционира и во Косово, но со можност сериозно да навлезе и во Србија, пред се во нејзиниот јужен дел.
