Профит на приватните клиники за ковид тестови – за еден тест се плаќа од 2600 до 6000 денари

НАЈНОВИ ВЕСТИ

За тестирање во државните лаборатории граѓаните чекаат со денови, па поради тоа често пати одлучуваат да се тестираат приватно. Само вчера од направените 2667 тестови, 1301 или поточно половина се направени во приватните лаборатории. Таму цените се движат од 2600 до 6 000 денари.

  • Систина 2700 денари
  • Жан Митрев од 6000 и 3950 денари
  • Ремедика 3500 денари
  • Синлаб 3950 денари
  • Биотек 2600 денари
  • Авицена 3000 денари

Од почетокот на пандемијата досега приватно се направени 114 илјади тестови од вкупно 238 илјади на ниво на држава. Ако средната цена еден тест е најмалку 3 000 денари, тогаш граѓаните за приватно тестирање потрошиле 5 557 268 евра.

Граѓаните велат дека цените на тестовите за Ковид 19 се прескапи во споредба на просечната плата во Македонија.

„Да висока ако треба четири члено семејство да се тестираат само за тестови ќе ги дадат парите а потоа и терапијата е скапа. Така што висока е цената“, вели граѓанин.

„Не можеме со пензија од 15 илјади денари да дадеме за тест 3 илјади денари. Не останува ништо“, посочува граѓанин.

„Па нормално скапо е, кој ни е стандардот“, додава граѓанин

„Не би сакала да дискутирам за цената сега имаме побитни работи“, изјави граѓанин.

„Скапо е 4 илјади денари. Нормално е барем да биде до 1000 до 2000 денари. Некако по ОК“, порачува граѓанин.

Епидемилогот Никола Пановски уште пред неколку недели изјави дека тестот за коронавирус е скап.

„Овој тест е безобразно скап, како произведен е 20 евра, а тоа што се плаќа на приватно е уште побезобразно. За таков тест од брис за само еден организам е навистина скапо“, посочи Никола Пановски.

Инаку министерот за здравство, Венко Филипче, во неколку наврати изјави дека не може да влијае за намалување на цените за тестирање за Ковид 19 во приватните лаборатории. Но сепак упатува апел да ги намалат цените затоа што во се наоѓаме во ситуација на здравствена криза каде профитот не е најважен.