Во Македонија досега се регистрирани 26 случаи на западнонилска треска, од кои два се водат како веројатни, информираше Министерството за здравство на денешната прес-конференција.
Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски истакна дека институциите внимателно ја следат епидемиолошката состојба и порача дека нема место за паника, но граѓаните треба да бидат внимателни и да преземаат мерки за заштита од комарци.
Според податоците на Институтот за јавно здравје, заклучно со 11 август, од вкупно 26 случаи, 25 се регистрирани во Скопје, а еден во Велес. Дури 22 од заразените се лица постари од 60 години.
Станува збор за автохтони случаи во земјава, со исклучок на едно лице кое претходно патувало во Грција. Сите регистрирани случаи се со невроинвазивна форма на заболувањето.
Од Клиниката за инфективни болести информираа дека четворица пациенти се водат како суспектни и кај нив е во тек дијагностичка постапка. Осум пациенти се веќе испишани и се лекуваат во домашни услови.
За жал, регистриран е и смртен случај. Починал 83-годишен пациент, кој, според лекарите, имал и други придружни заболувања.
Во меѓувреме, Центарот за јавно здравје Скопје прогласи епидемија во повеќе општини и населени места во главниот град. Опфатени се Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, како и Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Јурумлери.
Здравствените власти апелираат граѓаните да избегнуваат места со зголемена активност на комарци, да носат соодветна облека и да преземаат мерки за лична заштита.
Од Министерството за здравство велат дека состојбата ќе продолжи да се следи и јавноста навремено ќе биде информирана за сите нови промени.
