Во вторник пред пратениците на Комисијата за политички систем треба да се најде на расправа законот за матична евиденција со кој се создава можност едно лице да го промени својот пол и правно, односно во неговите лични документи. Во образложението на измените на законот се наведува дека трансродовите личности кои веќе имаат започнато медицински зафати за промена на полот се наоѓаат во состојба која не ја одразува личноста.
Правниот вакуум придонесува за донесување на произволни одлуки со кои надлежните институции во исти или слични ситуации носат целосно спротивни одлуки, со што ја нарушуваат правната сигурност на транс луѓето. Оние кои веќе започнале со медицинската промена, а се уште поседуваат документи за лична идентификација кои не го одразуваат нивниот актуелен изглед, родов идентитет и родово изразување се оставени во лимбо состојба на неодредено време.
Но ваквото образложение не е отсликано и во членовите. Ако во образложението се наведува дека тоа е за да се надмине проблемот со лицата кои почнале медицинска трансформација, во членот 19-б не е наведено дека ќе се бара документација дека тие ја започнале промената на полот.
Член 19-б
Барањето за правно признавање на родот се поднесува лично или преку полномошник до Управата. Во постапката за правно признавање на родот нема да се бара доставување на докази за хируршка процедура за целосно или делумно прераспоредување на гениталии, хормонална терапија или било кој друг психијатриски, психолошки или медицински третман на подносителот на барањето.
Натаму, во предлог на измените на законот се наведува дека лицето кое бара правна промена на полот, тоа може да го направи само со изјава заверена на нотар во која ќе се произнесе за чувството на својот пол. Иако е посочено дека во изјава треба да наведе дека промената на полот не ја прави поради некакво кривично дело, сепак постои недореченост бидејќи не е јасно наведено, како доколку во меѓувреме лицето го смени полот, а сторил кривично дело, надлежните ќе докажат дека е истото лице. Ова дотолку повеќе што му се менува и матичниот број и добива поинаков идентитет.
Член 19-в
Изјава од барателот за правно признавање на родот составена од нотар во форма на нотарски акт дека родовиот идентитет не е во согласност со полот назначен во матичната евиденција во моментот на раѓање и промената на ознаката за пол не ја прави заради одбегнување на договорна или законска обврска, како и извршување на казна изречена од надлежен суд во Република Северна Македонија и странски суд под целосна материјална и кривична одговорност, а доколку подносителот на барањето живее или престојува во странство заверена во дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во странство.
Законот повторно се наоѓа на расправа пред пратениците откако тој беше предложен уште минатата година со кој како предлагачи стојат Бојан Маричиќ како министер за правда и Агим Нухиу како заменик министер за правда. Предлог законот има европско знаменце и произлегува од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија.
