На иницијатива на Бошњачкиот национален совет, а во соработка со АД „Пошта на Македонија“, промовирана е поштенска марка со ликот на Алија Изетбеговиќ, првиот претседател на независна Босна и Херцеговина. Поштенската марка е промовирана по повод 100-годишнината од раѓањето на Изетбеговиќ.

На промоцијата на поштенската марка присуствуваа, Џевад Хот, претседател на Бошњачкиот национален совет во Македонија, потоа директорот на АД “Пошта на Македонија“ Орхан Куртиши, како и Скендер Асани член на Комисијата за филателија.

Поштенската марка може да се купи на сите услужни центи на АД „Пошта на Македонија“ по цена од 36 денари.
Инаку, Алија Изетбеговиќ, заедно со првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров беа единствените претседатели на поранешните југословенски републики кои до последен момент се обидуваа да спречат крвав распад на Југославија. Позната е и Платформата Глигоров-Изетбеговиќ, направена во 1991 година, која практично претставуваше документ како основа за договор на претседателите на југословенските републики за зачувување на југословенската заедница преку нејзино преуредување во заедница на југословенските републики (конфедерален сојуз) со карактеристики на државна заедница. Платформата содржеше Вовед и 6 дела: Човековите слободи и основните граѓански права, Заедничките економски интереси, Меѓународно-правниот субјективитет и надворешната политика, Одбраната, Положбата, структурата и начинот на одлучувањето на органите на Заедницата, Гаранцијата за извршување на Договорот. Сепак, овој документ за жал не доби поддршка од другите претседатели на поранешните југословенски држави. Изетбеговиќ воедно е потписник на Дејтонскиот договор, заедно со претседателите на Србија и Хрватска, Слободан Милошевиќ и Фрањо Туѓман, со кој беше ставен крај на крвавата агресија врз Босна и Херцеговина.

Автор на поштенската марка 100 години од раѓањето на Алија Изетбеговиќ 1925 – 2003 е Лоран Куфало од Бирото за филателија. Номиналната вредност е 36 ден, а издадена е во тираж од 6000 примероци.
Алија Изетбеговиќ почина на 19-ти октомври во 2003-та година во Сараево.
