На 19.05.2026 околу 23:30 часот на Граничниот премин Стар Дојран, полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор и гранични проверки Стар Дојран ги лишиле од слобода 32-годишната А.К. од Валандово и Н.С.(36) со живеалиште во Нов Дојран. При контрола и преглед на патничко возило „сеат атека“ со гевгелиски регистарски ознаки на излез од државата, кое го управувала А.К., а сопатник бил Н.С., биле пронајдени и одземени пет торбици во кои имало 66 пакувања со марихуана.
За настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а лицата се задржани во Полициската станица Гевгелија.
Во врска со настанот, СВР Струмица изврши претреси на повеќе локации и по целосно расчистување и документирање на случајот, против овие лица ќе биде поднесена соодветна пријава.
