Пронајдени три тела по превртувањето на туристичкиот брод во Египет – се трага по 13 лица

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Три тела се пронајдени откако туристички брод се преврте кај брегот на Црвеното Море во Египет, а спасувачките тимови се уште трагаат по 13 исчезнати, изјави гувернерот на Црвеното Море Амр Ханафи за Ројтерс.

Бродот „Си стори“ се преврте во понеделникот во близина на гребенот Сатаја, превезувајќи 31 турист и 13 членови на екипажот на повеќедневно нуркачко патување и потона за седум минути поради високите бранови.

Египетските власти претходно соопштија дека веруваат дека 16 патници останале внатре.

Спасувачите извлекоа 28 преживеани со полесни повреди, од кои на ниту еден не му беше потребна хоспитализација. Преживеаните биле сместени во хотел во Марса Алам, каде властите соработувале со амбасадите и конзулатите за да обезбедат помош и документација.

Ханафи рече дека бродот ја поминал последната безбедносна проверка во март, без пријавени технички проблеми. Бродот, сопственост на египетски државјанин, бил долг 34 метри и добил едногодишен безбедносен сертификат од Управата за поморска безбедност.

Инцидентот се случил во тешки временски услови. Во неделата египетската управа на пристаништето на Црвеното Море извести за висина на бран од три до четири метри и брзина на ветер од 34 јазли, поради што поморскиот сообраќај беше прекинат.

Од почетокот на годината ова е втор брод што потона на тој простор. Во јуни уште еден брод претрпе сериозни оштетувања од силните бранови, иако нема извештаи за жртви.

Црвеното Море, познато по коралните гребени и морскиот свет, е главниот центар на египетската туристичка индустрија, која игра клучна улога во економијата на земјата.