Не знам што е проблемот, еве од утрово од 8 часот е префрлена платата. И таа не доцни не знам колку доцни само 15 дена. Ова за ТВ21 го изјави директорот на Македонска пошта Јани Макрадули, кој се сретна со дел од синдикатот на компанијата и организаторите на протестот.
„Го уверивме Синдикатот дека заеднички, вработените да не се грижат за иднината, како за своите работни места така и за платата, бидејќи сите овие постапки и чекори кои што се направени, договори, носат резултати. Се договоривме дека после зголемувањето на минималната плата од први јануари 2022 година природно е да дојде и до разговори како да дојде до зголемиме бодот, односно како да ја зголемиме платата“, истакна Јани Макрадули.
Протестот се одржа претпладнето пред зградата на Македонска Пошта, организиран од двата синдиката на компанијата. Оттаму велат дека протестот не е толку за доцнењето на платата, туку тие најмногу стравуваат за иднината на Пошта, но истовремено реагираа и за условите за работа.
„Поводот е доцнење на платата, но не е само тоа, туку нашиот револт и стравување за нашите работни места и иднината на нашата компанија, поради лошата финансиска состојба и кризата во која се наоѓа нашата компанија. Дополнително нашата загриженост и нашиот револт сакаме да го изразиме преку овој протест поради многу лошите услови за работа“, вели вработен во пошта.
Поради лошата финансиска состојба со години наназад и нееднаквиот третман говореше еден од вработените.
„Веќе 20 години не е покачена платата, а има многу активисти на ДУИ кои се вработени, седат дома и земаат плата, а другите работат за нив. Сега за нас нема плати. Нека дојде и нека ни објасни зошто ние да работиме во вакви мизерни услови? Нема никакви услови за работа, немаме каде да јадеме како луѓе“, додава вработен во пошта.
Македонска Пошта изминативе години бележи загуби, но нејзината финансиска состојба е во незавидна состојба веќе подолг период.
