Протест на ССМ во Скопје: „За плата се бориме – не се молиме“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Под слоганот „За плата се бориме – не се молиме“, денеска во Скопје се одржа протест во организација на Сојуз на синдикати на Македонија (ССМ), на кој беа побарани повисоки плати и подобри услови за работа.

Маршот започна од Работничкиот дом на ССМ, продолжи пред Собрание на Република Северна Македонија, потоа пред Стопанска комора на Северна Македонија и заврши пред Влада на Република Северна Македонија, каде беа упатени синдикалните барања.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, изјави дека значителен број работници, иако незадоволни од платите, се воздржуваат од учество на протестите поради страв и перцепција дека тие се насочени кон одредени структури.

– Околу 260 илјади работници живеат со плата под 600 евра, а денеска само неколку илјади излегоа на протест – посочи Трендафилов.

Тој предупреди и на безбедносните услови на работните места, наведувајќи дека, како што рече, „работници секојдневно го губат животот на работното место“, без соодветна реакција и заштита.

Трендафилов потсети на историското значење на 1 Мај, нагласувајќи дека работничките права биле извојувани преку жртви, со цел скратување на работното време и подобрување на условите за работа.

На протестот се обрати и Томислав Гиевски, претседател на Независниот синдикат за образование и наука, кој истакна дека ќе продолжат со барањата за доследно почитување на колективните договори и фер пресметка на платите во образованието.

– Бараме достоинствено вреднување на трудот и почитување на колективните договори, особено во образованието и детската заштита. Нема да се откажеме од нашите барања – изјави Гиевски.

На протестот не учествуваше Самостоен синдикат за образование, наука и култура (СОНК), од каде порачаа дека решенијата треба да се бараат преку социјален дијалог и институционални механизми, а не преку улични протести.