Протест на угостителите и туристичките работници, бараат финансиска помош од Владата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поставија тенди пред Министерството за финансии. Не заборавија и на музиката. На овој начин протестираа организаторите на настани. Бараат помош поради коронакризата. Велат дека не можат веќе да опстојат. Има два начина за спас на нивниот бизнис, или финансиска помош од владата, или да им се дозволи да работат.

„Ние во изминатите години докажавме дека можеме и знаеме да работиме, од нула изградивме бизниси со кои ги одржувавме нашите семејства и семејствата на нашите вработени. Изборниот слоган на сегашната влада беше „Можеме“. Затоа сега бараме да можат да ни помогнат. Бараме еднократна финансиска помош не само за зачувување на работните места, ние немаме средства за егзистенција.“, рече Мартин Ангеловски.

Туристичките агенции велат дека иако не се затворени, сепак ја чувствуваат економската криза. Бараат рокот на ваучерите кои не се искористени минатата година, да биде продолжен до крајот на 2022 година

„Да не дозволиме повеќе ниту една агенција да се затвори. Неопходна е финансиска неповратна помош за опстанок на секоја лиценцирана туристичка агенција. Прометот е паднат, не -30 проценти, туку скоро 100 проценти.“, вели претстацничка на туристичките агенции.

Синоќа во Клик Плус, министерот за економија, Крешник Бектеши, рече дека до крајот на мај, можно е рестораните за свадби да бидат отворени.

„Верувам дека во разговорите кои ги имаме во рамките на Кризниот штаб, некаде кон крајот на мај треба да се дозволи и отворањето на рестораните за свадби имајќи го предвид трендот на намалување на бројот на нови случаи.“, изјави Бектеши.

На протестот учествуваа и сопствениците на игротеки кои исто така побараа финансиска помош. Доколку не се исполнат нивните барања, ќе продолжат со протестите и следните денови.