Протест во Бањица каде поминува Коридорот 8 – жителите го блокираа патот, незадоволни од експропријацијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во знак на револт за тоа како се врши експропријација на земјиштето, жителите од селата Горна и Долна Бањица го блокираа регионалниот пат не дозволувајќи им на вработените во компанијата „Бехтел и Енка“ да работат на трасата на Коридорот 8.

Прашан за жалбите на жителите, зм.министерот за транспорт и врски, Беким Реџепи, за ТВ21 рече дека слушнал за нивните жалби но апелираше да нема пречки бидејќи станува збор за историски проект.

„Прашањето на експропријацијата е основна точка за што побрзо и ефикасно реализирање на сите патни делници и во овој случај Коридорот 8. Тие имаат емоционална врска со земјиштето…“, вели Беким Реџепи.

-Не само емоционална врска, туку од тоа и се хранат…

„Секако дека да, апелирам сите постапки да се спроведат на институционален начин бидејќи ниту министерството, ниту ЈП Државни патишта не ја одредува цената за експропријација туку е друга процедура, почнува во Управата за правно имотни прашања или цената ја одредува Бирото за правно вештачење“, вели Беким Реџепи.

Во меѓувреме, денеска и следните три дена жителите најавија целосна блокада за возилата, ќе ги стопираат работите на компанијата „Бехтел и Енка“, а планираат и сообраќајна блокада на магистралниот пат Гостивар -Кичево. Досега околу половина од сопствениците на земјоделско земјиште добија решенија за трајно одземање на земјиштето што ќе се користи за изградба на автопатската делница на Коридорот 8.