Под мотото „Стоп за сообраќајното насилство“ беше одржан протест во родното место на трагично загинатата Фросина Кулакова. Од Неготино, сестрата на Фросина, Росица Кулакова побара одговорност за судијката која го водеше предметот поврзан со дрога, против возачот Васил Јованов. Судијката го упати Васил во поправен дом, а откако Обвинителството се жалеше на нејзината одлука, Апелација вчера изрече затворска казна за Васил, во времетраење од три години и десет месеци. За работата на судијката, Судскиот совет формираше Комисија.
„Васил станува една темпирана бомба, поради сето ова доколку судијката му го продолжела притворот, се до правосилност на одлуката, а по вчерашната одлука на Апелација, тој само бил спроведен во затвор, мојата сестра Фросина денес ќе беше жива. Затоа бараме одговорност и од судијката Даниела Алексовска Стојановска.“, порача сестрата Росица Кулакова.
Во Неготино се собраа повеќе стотици граѓани, а меѓу нив и лица кои водат битка со правосудните органи.
„Татко ми загина во 2022-рата година во сообраќајка додека поминуваше пешачки премин под Кале. Нашиот судски процес го тераме, се бориме, после цели три години вратен е повторно на сам почеток и се надеваме на правда.“, вели Столе Ангеловски.
Дел од присутните негодуваа што родителите на Васил, дури девет дена по сообраќајката јавно изразиле сочувство до семејството на Фросина. Нејзиниот татко, Тодор Кулаков напиша дека тие создале убиец и манипулираат со јавноста за да стекнат симпатии.
„Никогаш немаат вистинско каење, а кои и после девет дена не изразија сочувство… ниту не исконтактираа… ама затоа веднаш подметнуваат телефон во „Шутка“, за да се договараат како да го прикриваат делото „убиство“ на син им! Подеднакво исто како што и претходните случаи со судијката ги прикривале, што ги прави соучесници со кривична одговорност.“, вели Тодор Кулаков.
Претходно од одбраната на Васил негираа поврзаност со случајот за мобилниот телефон кој тој го имал во притвор.
„Оние шпекулации – 250 евра таткото дал, близок член на семејство, се невистинити.“, вели Сашко Дуковски.
Инаку, за сообраќајката, возачот Васил се истражува за умислено постапување, со што предизвикал тешки дело против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
