Протести на повидок: Синдикатите бараат поддршка од Владата за заштита на работниците

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ) обвинува дека газдите на повеќе од 40 приватни компании вршат притисок врз вработените да не се приклучуваат на синдикални организации или, доколку веќе се членови, да ги напуштат. Во одредени компании, вработените биле принудени на нотар да потпишат изјава дека доброволно се откажуваат од синдикалното членство, а оние што одбиле, добиле отказ.

Од КСОМ бараат итна средба и поддршка од Владата, и најавуваат протести пред компаниите доколку сопствениците не престанат со ваквите практики.

„Ќе побараме средба со премиерот, но и со Организацијата на работодавачи. Газдите тврдат дека работниците не се продуктивни и неспособни, а од друга страна се жалат дека немаат доволно кадар. Доколку ситуацијата не се промени, јавно ќе ги објавиме имињата на компаниите и ќе протестираме пред нив“, изјави Марјан Ристески, претседател на КСОМ.

Ристески истакнува дека синдикатите сакаат да седнат на маса со работодавачите и стопанските комори за да разговараат, бидејќи не може постојано да се тврди дека ништо не функционира, додека вработените примаат минимални плати и се изигрува обврската за исплата на К-15. Според него, капиталот, коморите, работодавачите и досегашните синдикати се најодговорни за оваа состојба, а работниците не добиваат ништо.

Една од причините за спречување на синдикалното здружување, според КСОМ, е да се избегне потпишување на колективни договори кои би обезбедиле зголемување на платите во приватниот сектор, согласно со порастот на трошоците за живот и просечната плата. Дополнително, со тоа би се спречило работниците со години да работат со договори на дело како хонорарци, без никакви права или да добиваат симболични исплати за К-15, од само 100 денари. Според Ристески, оваа практика ја уништува репутацијата на државата и постои ризик во иднина да остане без квалификувана работна сила.