Рамиз Даути, роднина на осудениот во случајот Алфа, вели дека на Агим Ислами му се влошува психичката состојба по смртта на Реџаил Ќерими.
„Состојбата на Агим е отежната многу повеќе отколку на почетокот кога влезе на затвор како невин, сега му е многу потешко. Не можам да кажам дека му е двојно потешко бидејќи тоа е малку. Агим е во тешка состојба, разочаран е од правдата“, вели Даути.
Новото вештачење за случајот „Алфа“ моментално е во Кривичен Суд и треба да се прати за мислење во Обвинителството и Бирото за вештачење. Тоа се уште не се случило бидејќи судијата се уште е позитивен со Ковид-19. Каде заглави предметот не добивме одговор ниту од Кривичен суд.
Даути вели дека не разбира зошто толку се одлоговлекува кога има нови докази за случајот. Истакна дека доколку следните денови предметот не се зема сериозно, не им останува ништо друго освен да одат пред становите на судиите и обвинителите и да им ја кажат нивната мака.
„Мислам дека треба да се оди и во нивниот дом со едно ќебе пред врата, за да нè гледаат нивните деца какви маки трпиме ние од нивните родители бидејќи тие се поединци, лица кои треба да носат одлука. Ние не бараме никаква услуга од нив, ниту помош. Едноставно бараме да го спроведат законот, да има повторно судење, вештачењето кое го побараа го доставивме. Многу добро знаеме дека секој нов доказ овозможува повторно судење“, рече Даути.
Адвокатката на Агим Ислами, Артене Исени вели дека судијата надминал секаков временски лимит за да одлучи за предмет кој е од категоријата на итност.
Инаку, во чест на починатиот Реџаил Ќерими, во петок ќе се организира протестен марш кој ќе почне од Плоштад Скендербег во Скопје и ќе заврши пред Канцеларијата на ЕУ во Скопје.
