Прв ден од изборите во Штип и во Пласница, гласаат 12 лица позитивни на Ковид-19

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во Штип и Пласница започна гласачкиот процес за предвремените локални избори. Право на глас денеска имаат заразените со корона вирус и оние кои се во изолација. Државната изборна комисија извести дека во Штип се пријавиле 12 гласачи за денеска, а во Пласница ниту еден. Поради тоа во оваа општина денеска не беа отворени гласачките места.

„Сите активности се завршени. Во текот на вчерашниот ден општинските комисии го добија материјалот за спроведување на изборите, а денеска во општина Штип тече гласањето на лицата позитивни на Ковид-19 и оние кои се во самоизолација.“, изјави Адмир Шабани од ДИК.

За потребите на гласањето во нови услови, од изборната комисија во Штип задолжени беа и две лекарски екипи за спроведување на гласачкиот процес. Од таму велат дека гласањето поминало без проблеми.

Утре гласаат 133 болни и изнемоштени лица, затворениците и лицата од домовите за стари лица. Во недела, 77 гласачки места се отвораат во 7 часот наутро а ќе бидат затворени во 19 вечерта. Во трката за прв човек на општините Штип и Пласница се 7 кандидати, 5 од Штип и 2 од Пласница. Во овие две општини ќе се бира нов градоначалник бидејќи претходните поднесоа оставки поради добивање нова функција. Во недела 41.708 гласачи од Штип и 4953 од Пласница ќе имаат право на глас. До недела кога се затвораат избирачките кутии, земјава е во изборен молк.