Потврдено е присуство на коронавирус кај еден од тројцата македонски државјани кои се наоѓаат на бродот „Diamond Princess” во пристаништето во јапонскиот град Јокохама, соопшти Министерството за надворешни работи согласно најновите информации добиени од јапонските надлежни органи.
Нашиот државјанин, како што се посочува, во моментот е хоспитализиран во здравствена установа во Јапонија.
„Амбасадата на Република Северна Македонија во Токио е во комуникација со споменатиот македонски државјанин. Воедно, Амбасадата на дневна основа комуницира и со останатите двајца македонски државјани кои сѐ уште се наоѓаат на бродот во Јокохама и кои изјавуваат дека се чувствуваат добро и досега не пројавиле симптоми кои може да укажуваат на присуство на коронавирусот“, истакнаа од МНР.
Министерството за здравство на Јапонија продолжува со спроведување на тестови за присуство на коронавирусот кај лицата кои се наоѓаат во карантин на бродот. При вршење на анализите предност имаат лица со симптоми кои укажуваат на присуство на вирусот, лица над 75 – годишна возраст и лица со хронични заболувања.
“Откако се појави коронавирусот на крузерот, пристаништето Јокохама ги откажа сите закажани пристигнувања и заминувања на патнички бродови. Се надеваме дека состојбата ќе се врати во нормала што е можно поскоро. Жителите на Јокохама се загрижени за нивната безбедност, затоа сакаме да ја смириме нивната загриженост што е можно поскоро“, додаде Макото Каеријана од бирото на пристаништето во Јокохама.
Според последните информации, само на крузерот потврдено е присуство на новиот вирус кај 61 патник. Според светската здравствена организација, вкупниот број на луѓе кои починале од последици од новиот коронавирус во Кина сега се зголеми на 1.310, а бројот на заразени на 48.206.
