„Ова е момент кога еден град се гледа себеси со нови очи и кога ја гради својата иднина преку културата. Ова е можност да создадеме нова приказна за Скопје — приказна на отвореност, соработка и заедништво. Ова не е проект на институциите. Ова е проект на луѓето. На сите нас“, истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков во своето воведно обраќање на конференцијата „Скопје — Европска престолнина на културата 2028“, што денеска се одржува во главниот град.
На конференцијата посветена на еден од најзначајните стратегиски проекти за нашата земја, министерот Љутков, во присуство на евроамбасадорот, градоначалници и делегации од градовите партнери, претставници на меѓународни институции, академската заедница, како и многубројни домашни и странски гости, нагласи дека Скопје има историска шанса да се афирмира како современ европски културен центар.
Љутков потенцираше дека проектот ја има целосната и недвосмислена поддршка од Владата, предводена од премиерот Христијан Мицкоски, која обезбедува институционална, финансиска и политичка стабилност за неговата реализација.
„Поддршката е силна и јасна — таа значи континуитет, координација и сигурност дека оваа визија ќе се реализира“, истакна тој.
Говорејќи за значењето на титулата Европска престолнина на културата 2028, министерот посочи:
„Не зборуваме само за титула. Зборуваме за процес што го менува градот — за нова енергија, за нови културни простори и за можност Скопје да стане вистинска точка на поврзување во Европа.“
Тој додаде дека оваа иницијатива не е насочена само кон 2028 година, туку кон долгорочна трансформација:
„Ова што го градиме денес ќе се чувствува и по 2028 година — како нов културен импулс, како нов начин на живеење на градот.“
Во таа смисла, беа истакнати и конкретни проекти за унапредување на културната инфраструктура, меѓу кои ревитализацијата на Скопското кале, заштитата на Скопскиот аквадукт, обновата на Универзална сала, оживувањето на локалитетот Скупи, како и создавање нови културни простори, што ќе им припаѓаат на граѓаните.
