Прв случај на западнонилска треска во Тетово

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Првиот случај на западнонилска треска во Тетово е регистриран во најновиот неделен извештај на Институтот за јавно здравје, со што бројот на градови во кои има заболени се зголеми на шест.

Заклучно со 22 септември, во земјава се регистрирани вкупно 70 случаи на западнонилска треска. Од нив, 65 се потврдени, а пет се водат како веројатни случаи.

Според местото на живеење, најголем број заболени се од Скопје – 63 лица. Три случаи се регистрирани во Велес, а по еден случај има во Куманово, Свети Николе, Кавадарци и Тетово.

Од вкупниот број случаи, 69 се автохтони, додека еден пациент има историја на патување во Грција, но инкубацискиот период опфаќа и престој во Македонија.

Меѓу заболените доминираат мажите. Регистрирани се 52 машки лица, односно 74,3 отсто од случаите, додека 18 се жени, што претставува 25,7 отсто.

Најзастапена е возрасната група над 60 години, во која припаѓаат 81,4 отсто од заболените. Седум случаи се кај лица на возраст од 50 до 59 години, два кај лица од 40 до 49 години, еден случај е во групата од 30 до 39 години, а три случаи кај лица на возраст од 20 до 29 години.

Од ИЈЗ информираат дека 68 пациенти развиле невроинвазивна форма на болеста и сите биле хоспитализирани. Од нив, 50 пациенти се испишани од болница, додека деветмина сè уште се на лекување.

До 22 септември се регистрирани девет смртни случаи кај пациенти со невроинвазивна болест. Сите починати биле од машки пол, со просечна возраст од 71,1 година, а осум од нив имале и други придружни заболувања.