Прв снег, први проблеми – дали надлежните повторно се изненадија?!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Снег го зафати западниот дел од земјава. Утрово, снежна покривка во Дебар, Кичево и Битола. Дрво кое падна поради обилните врнежи снег, го блокираше сообраќајот на патниот правец Дебар-Маврово.

И улиците во Битола во претпладневните часови не беа исчистени, поради што беше отежнато движењето на возилата.

Иста е состојбата и во Кичево. Од Центарот за управување со кризи велат дека сѐ е во ред и дека не добиле пријави за застој на планинските места. Висината на снежната покривка била 6см, додека на планинските предели 16-17см.

„Утрово беше забранет сообраќај за тешки товарни возила преку планинскиот премин Пресека, како и на патниот правец Кичево-Гостивар, односно Стража. Меѓутоа, напладне забраната беше укината и сообраќајот нормализиран.“, вели Сузана Тасевска од регионалниот центар за управување со кризи.

-Утрово во Кичево, Дебар и Битола падна снег. Во утринските часови имаше доста камиони на патот за Кичево на кои им беше забрането да поминат преку Стража и Пресека кои водат кон Охрид, но како што се чини, во моментов, во пладневните часови, камионите се пуштени да поминат, патиштата се исчистени и состојбата е мирна. Сообраќајот и на регионалните, и на магистралните патишта се одвива непречено.
Во делови од денот, забрани за тешки товарни возила имаше и на Ѓавато и Тетово-Попова Шапка, за останатите задолжителна е употреба на зимска опрема-вели репортерката на ТВ21.

Во останатите делови од земјава, сообраќајот се одвива по влажни коловози, а на некои повисоки места има остатоци од кашест снег.