Снимка од безбедносна камера го покажува моментот на полетување и уривање.
Крилото на Боинг 787-8 Дримлајнер стои пред станбената зграда која била лекарски дом, а опашката забиена во покривот.
-Она што се случи во Ахмедабад е многу трагична несреќа. Изгубивме многу луѓе. Им изразуваме најдлабоко сочувство на сите оние кои ги загубија своите најблиски, изјави Рандхир Џаисвал, портпарол на индиското министерство за надворешни работи.
Полицијата сè уште пронаоѓа тела. Не е познато колку од досега пронајдените биле во авионот или на земја кога авионот се урнал.
-Истрагите се во тек и одржавме состанок со разни службени лица за да ги испитаме причините, бројот на жртви и хуманитарната работа што се одвива таму како итна ситуација. Засега е прерано да се зборува за бројот на жртви. Тоа ќе потрае, вели Мурлидар Мохол, помлад министер за цивилно воздухопловство.
Во авионот имало 169 индиски државјани, 53 Британци, седум португалски државјани и еден Канаѓанец. Експертите по авијација велат дека ова не смее да ја наруши довербата во воздушниот сообраќај.
-Ова е првата фатална несреќа со Боинг 787. Авионот е во употреба повеќе од 10 години, веројатно и подолго од тоа. Па, колку и да е трагично ова, не верувам дека можете да заклучите дека на некој начин Боинг 787 не е безбеден авион. Постојано е докажано дека е. Ер Индија има добра безбедносна евиденција. Авијацијата генерално е најбезбедниот облик на транспорт некогаш дизајниран од човештвото. Знам дека сликите се ужасни и дека ќе загрижат некои луѓе, но вечерва ќе бидам во авион и ќе се качам на него без двоумење, изјави Џон М. Кокс, извршен директор на Safety operating systems, консултант за авијација.
Македонското МНР испрати телеграма со сочувство.
„Со длабока тага, жалиме за трагичната несреќа на летот AI171 на Ер Индија од Ахмедабад до Лондон. Изразуваме искрено сочувство до Владата на Индија, и семејствата и најблиските на оние погодени од оваа срцепарателна загуба“, велат од МНР на Македонија.
Ова е прва авионска несреќа на Боинг 787-8 Дримлајнер и најлоша несреќа во последните децении во Индија.
