Први бебиња во Скопје – трка со царски резови, кое ќе биде првородено во Новата година

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Скопје во две болници, доби две првородени деца во 2026 година. Едно девојче точно на полноќ, со царски рез дојде на свет во Државна болница, а две девојчиња, близначки, исто така со царски рез се родија во Гинекологија Чаир.

И двете локации беа добра можност за дупло сликање на политичарите и за можноста за дупли подароци кои ги врачија. Секако, дуплиот настан беше можност тие што не дадоа изјава на едното место, да кажат прикладен збор – два на другото место.

Но, најважно од се е што мајките и децата се добро.

„Првото бебе се роди во 00.00 часот со телесна тежина 2.520 грама, 47 сантима. Второто бебе се роди во 00.01 минута, женско новородено со телесна тежина 2.010 грама, 43 сантима и бебињата и мајката се во добра општа кондиција.“, вели Афродита Исмаили.

„Затоа Евгенија беше родена со царски рез, тешка беше 2,8 кг, 48 см и апгар скоро 8 – 9. Огромна благодарност до целата дежурна екипа предводена од примариус доктор Павловски кој што го изврши царскиот рез, до сите сестри, болничари, техничари кои што учествуваа и кои што придонесоа породувањето да се изреализира онака како што треба. Денеска пациентката е сместена на одделот за поерпериум, се чувствува добро, ја видевме, ја посетивме горе и се надеваме за многу брзо  ќе ги испратиме дома и ќе имаат прекрасни моменти целосно семејството.“, вели д-р Ирена Алексиоска Папестиев.

Мајката на близначињата е на 26 годишна возраст, а на бебето родено во Државна болница има 38 години.

Инаку, политичарите пак се радосни од тоа што првите деца од годинава се девојчиња. За нив тоа значи плодност и бериќет и затоа веруваат и не уверуваат дека оваа 2026 година ќе биде добра година за сите нас.

„Тоа значи во нашата традиција дека девојчињата се благослов. Оваа година ќе биде благословена година. Ние како Министерство за здравство ќе инвестираме и понатаму во инфраструктура и во капацитети кои што се достоинствени за секое новороденче во нашата држава“, вели Азир Алиу.

„Секое ново раѓање е богатство за нашето општество и сила и силна мотивација да продолжиме да создадеме поволни услови за децата и семејствата“, рече Фатмир Лимани.

„Ова е плодна година, почнува со женски бебиња, и потоа што до сега има седум бебиња, така да, мислам дека ќе биде плодна и успешна година.“, порача Изет Меџити.

Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски традиционално им ги врачи новогодишните подароци на мајките и на бебињата. Според него, нема ништо чудно што тој е градоначалник на град во кој имаме две, во овој случај три првородени бебиња во новата година.

„Така што јас многу повеќе, како ете може да се каже релативно претставник на помладата генерација политичари во државата, се трудам да се фокусираме на она што се реални проблеми, не на фикции кои што во минатото некој ги создавал за сето тоа  да прави политики“, вели Орце Ѓорѓиевски.

Инаку, ноќеска се продолжи традицијата првороденчињата на свет да доаѓаат со царски рез. Оваа не е само медицинска потреба, туку во последнава деценија станува се поголема, условно кажано, мода и Македонија е серозно над светскиот просек за вакво породување. Ова го увиделе докторите па почнаа да бараат решение.

„Имаме апел дадено до Здружението за обстетричари и гинеколози, каде што треба да се повикаат на сите менаџери на другите родилишта, како и на приватните болници и каде што треба еден консензус да се донесе за оние индикација, што мислам дека ќе ги поттикнеме и самите здруженија ќе поработат на тоа.“, вели д-р Ирена Алексиоска Папестиев.

Целата е во иднина докторите да ги информираат родилките за последиците од царски рез и дека затоа е обновена едукацијата на идните мајки за безболно природно породување. Инаку, светскиот просек на породување со царски рез долго време беше околу 15 отсто, но во последно време се зголемува и е околу 21 отсто, со тенденција да се доближи до 30. Во Македонија овој просек е 38 отсто, но има истражувања кои што покажуваат дека ова се доближува до 41 отсто од сите породувања, да се со царски рез.