Веќе шест месеци Македонија е без Народен правобранител, откако во јули 2025-та заврши мандатот на Насер Зибери. Најверојатно на 12-ти јануари ќе биде закажана седницата за избор на нов народен правобранител, а со оглед на тоа дека е потребно и гласање со Бадентерово мнозинство, треба да се убеди и ДУИ да гласа.
Засега нема закажана никаква средба, но во наредните денови можно е Мицкоски да разговара и со Али Ахмети за ова, со цел надминување на проблемот. Премиерот вели дека во наредните денови што следуваат ќе разговара со сите пратеници.
„Па ќе разговараме во периодот кој што следи со повеќе пратеници, пратенички групи за да се надмине овој проблем. Цениме дека треба да се надмине, бидејќи е дел од извештајот кој што го подготвува Европската комисија за напредокот на Македонија како држава и доколку навистина сите сакаме да се придвижиме напред, доколку навистина сите имаме иста желба како рамноправен дел од рамките на ЕУ, тогаш не гледам причина зошто едно такво решение да не биде поддржано и сето ова да биде завршено“, вели Христијан Мицкоски.
Од ДУИ за ТВ21 кусо изјавија дека засега нема иницијатива од страна на премиерот или парламентарното мнозинство за средба на која би се разговарало за обезбедување на Бадентерово мнозинство за избор на Народен правобранител.
„Не, засега од нивна страна нема никаква иницијатива за средба на која би се разговарало на оваа тема“, вели Арбр Адеми.
Пред неколку дена, вработените во оваа институција и двајцата преостанати заменици на Народниот правобранител испратија писмо до Собранието со кое апелираа за итно решение за, како што ја нарекуваат, безизлезната ситуација во која се наоѓаат од јули месец.
„Вработените во институцијата на Народен правобранител во моментов не се во можност да ги остварат поголемиот дел од правата кои произлегуваат од работниот однос, а од јануари 2026 постои реален ризик да не ги добијат личните примања, со што ќе се доведе во прашање редовното остварување на уплатите за здравствено и социјално осигурување, како и за пензиско осигурување“, велат од Канцеларијата на Народниот правобранител.
Како што велат и претходно доставувале известувања до Собранието, но не добиле одговор. Институцијата Народен правобранител во моментов функционира само со двајцата заменици – Илбер Руфати и Соња Трифуновска. Народниот правобранител се избира и се разрешува од Собранието.
