Преку ковакс системот земјава ќе ги добие првите вакцини против коронавирус.
„Вчера стигна писмото за најава од страна на Ковакс-механизмот дека е можно вакцините да стигнат на крајот на јануари или на почетокот на февруари.
Северна Македонија веќе има испратено документи со кои потврдува подготвеност за чување на температура од -70 степени, со тоа властите бараат државата да се најде во првата група која ќе ја добие Фајзровата вакцина, а потоа следува Астра Зенека.
По три механизми по 800 илјади дози за 400 илјади граѓани. Значи вкупно милион и двесте илјади граѓани, блиску 60 проценти од населението, тоа е предвидување за колективен имунитет.“, рече Филипче.
833 илјади дози преку Ковакс-механизмот, 800 илјади дози директната спогодба со Фајзер и 800 илјади дози за кои веќе е аплицирано и е добина поддршка од Канцеларијата на европската делегација кај нас.
Коментарајќи ја ситуацијата со коронавирусот во моментов во земјава, Филипче рече дека истата е стабилна и дека и натаму продолжува трендот на намалување.
„Прилично стабилна. Значајно се намалува бројот и овие изминати денови на пациенти на кои што е им е потреба хоспитализација и натаму е оној тренд на одржување на мал број на хоспитализирани пациенти во сите болници, не само во Скопје туку и ширум државата. Верувам дека ќе остане вака, верувам дека прекршувањата на мерките не беа чести.“, изјави Филипче.
Лекот Ивермектин ќе доцни, односно ќе пристигне кај нас за две недели, иако претходно од МАЛМЕД најавија дека ќе го има во аптеките веднаш по Божиќ.
„Кај трите групи на граѓани, односно пациенти има различни индикации и различно дозирање затоа е битно да биде апликацијата под контрола на лекар, јас верувам дека во следните две недели ќе биде достапен“, изјави министерот за здравство.
Министерот откри и дека после 21 јануари може да се очекува олабавување на мерките. Логично е барањето на угостителите и ќе биде разгледано на некој од следните состаноци на Комисијата за заразни болести, рече денеска министерот за здравство, Венко Филипче.
„Ова скратување на времето дополнително, иницијално кога беше донесено минатиот месец, рековме дека ќе биде до 21 јануари, кога практично и завршуваат прославите, верските празници, и тогаш веќе по автоматизам се враќаат на работното време до 21 часот. Ние, ќе го разгледаме барањето дали би можело да се продолжи за уште два часа.“, рече Филипче.
Владините рестриктивни мерки, меѓу кои беше и скратувањето на работното време на угостителските објекти до 18 часот, стапија во сила на 18 декември 2020 година. Нивната цел беше да се спречи ширењето на КОВИД. Мерките треба да престанат да важат на 21 јануари 2021.
