Полицијата за разбивање демонстрации денеска се судри со средношколци ширум Франција, додека синдикатите повикаа на штрајк на наставниците, а владата на претседателот Емануел Макрон се бори да ги стави под контрола сè понасилните протести поради условите во училниците и финансирањето на образованието.
Солзавец ги прекри улиците во источниот град Стразбур, во Марсеј на југот огномети беа фрлани кон полициските линии, а во Рен на западот беа запалени канти за отпадоци.
Во Ла Сиота, во близина на Марсеј, млад човек испрскал наставник со бензин, изјави портпарол на образовните власти во тој регион. На снимка објавена на социјалните мрежи и емитувана од телевизијата BFM, се гледа маж како го држи лицето, откако лице со качулка и маска на лицето го испрскало со течност од шише. Ројтерс не можеше да ги потврди околностите на настанот.
Демонстрантите во Пантен, на периферијата на Париз, запалија предмети, меѓу кои и огради, и фрлаа петарди кон полицијата за разбивање демонстрации, пред да побегнат.
По вчерашната владина кризна средба, извор близок до премиерот изјави дека демонстрациите се претвориле од протестно движење во урбано насилство, а министерот за правда Жералд Дарманен изјави дека движењето било преземено од „надворешни лица“.
Поззнавачите велат дека планираните буџетски кратења, кои ја продлабочуваат кризата со финансирањето на образованието, го поттикнале незадоволството.
Министерот за образование Едуар Жефреј изјави дека 65 вработени во образованието биле повредени за време на немирите, меѓу кои и 40 директори на училишта.
Во меѓувреме, синдикатите повикаа на штрајк на наставниците во вторник, една недела откако вработените во јавниот сектор стапија во штрајк.
„Насилството е за жалење, но… кога барањата со години остануваат неслушнати, а имајќи го предвид политичкиот и геополитичкиот контекст, постојат неколку услови што ги доведуваат… учениците во вистинска состојба на вознемиреност“, изјави за Ројтерс наставничката Сандра Шампен-Селер.
Протестите избувнаа во регионот на Париз минатата недела, но стануваат сè понасилни откако се проширија низ целата земја.
Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нунез во петокот за телевизијата TF1 изјави дека полицијата од понеделникот уапсила вкупно околу 5.000 лица, од кои повеќето биле тинејџери. Министерот за правда Дарманен претходно за радиото RTL изјави дека родителите на лицата што оштетуваат имот треба да платат надомест на штетата.
Учениците кои ги блокираат средните училишта изразија гнев поради пренатрупаноста во училниците, честите недостиг на наставници и дотраените училишни згради, обвинувајќи ги долгогодишните недоволни инвестиции.
„Има 35 ученици во паралелка, немаме доволно столови во училниците, едночасовната пауза за ручек (е прекратка) за сите да стигнат да јадат“, изјави 15-годишната Кезија за Ројтерс во париското предградие Пантен, пред да побегне откако полицијата употреби солзавец.
Според нацрт-буџетот за 2027 година, кој владата го претстави во четвртокот, буџетот за образование треба да се зголеми за 1,7%, што е под стапката на инфлација, на 65,53 милијарди евра (73,77 милијарди долари), без пензиите на наставниците.
Образованието традиционално е најголемата буџетска ставка, но тоа ќе се промени следната година, бидејќи трошоците за сервисирање на долгот се очекува да достигнат 74,5 милијарди евра, според нацрт-законот. Според глобалниот форум за јавни политики на ОЕЦД, француските издвојувања за образование се во средината на опсегот меѓу земјите членки и се зголемиле меѓу 2015 и 2022 година, но нивниот удел во буџетот благо се намалил.
Инаку, разузнавачките служби на кризна средба изјавиле дека протестното движење било иницирано од политичари од крајно левичарската партија „Непокорна Франција“ (LFI). Високи пратеници на LFI ги отфрлија обвинувањата, обвинувајќи ја владата дека ги политизира протестите пред изборите.
Организациите за човекови права ја обвинија полицијата дека користи прекумерна сила против малолетници, вклучително и палки, солзавец и несмртоносни пушки со гумени куршуми. Француските власти отворија неколку истраги за да ги испитаат обвинувањата за полициско насилство. Една од истрагите ќе го испитува случајот со 16-годишно момче, кое според неговите пријатели се здобило со повреда на окото откако полицијата испукала гумени куршуми кон група демонстранти.
